16 November 2012

Воведение во Книга-Исход:



РАСПЕТИЕ 
(почеток на прекрасните страдања) 

На голиот рид 
каде присојот удира врз челата 
како вжештен чекан 

Златен крст издигнаа 
со длапки на рабовите 
стрвни за скапоцени камења 

Моето изнемоштено тело 
со шајки од платина 
на него го заковаа 

Венец од ловор и трње 
врз главата ми ставија 
И дури гледаа како капките од крв 

длапките ги исполнуваат 
и во рубини се претвораат 
Извикнуваа: Пеј ни, пеј! 


(Од поетската книга „Исход“, 
издание на „Галикул“, Скопје, 2012 год.)

02 April 2011

Insignia


Insignia - Eternijan

22 September 2010

Нови песни

ЗАБОРАВЕНАТА БОЖИЦА

Очајната старица,
во бара заробена,
од шеметот истоштена

Со левата рака
кон шамакот замавнува,
десната кон небесата ја подигнува

Но безуспешни ѝ се обидите
да се оттргне од прегратката
на безмилосната мил

Не ме бара веќе никој тука,
туку на кои ли ридови играат
чистите ќерки на вознесените

И какво ли семе
расфрлаат бодрите синови
по долините?

Ех,
ех,
ех!

И ехото на величието исчезна,
и калта ми е легло,
и заборавот ми е дом!



ТРАУРНО УТРО

Сети се на смртта
Оние темни планини
посакуваат да те прегрнат

Сети се на невидливиот пламен
и на ветриштата кои ги нишаат врвовите на дрвјата
со корења вдлабени во црните пластови

Сети се дека твоите
воздушни чекори
стежнуваат!

О сети се, сети се
пред да го напуштиш
овој присој,

пред да му ја препуштиш
оваа кротка долина
на оној кој таложи

глотеж...


РАЗОР

Котвата ја фрливме во бездна
и не би ден, и не би ноќ
без морници

Јата црни зборови нè облетуваат
и во шупливите черепи
гнезда свиваат

Ужасот нè демне од длабочините
и со валканите канџи
ја гребе светлината

Исчезнуваме.


НАПЛИВ. ДВИГАТЕЛ

Празнината,
ништовитата височина,
врвната темнина

Го раѓа
и тој бесконечно паѓа
во клисурите

Ги заведува карпите,
ги бакнува, ги гризе
и в неврат ги завлекува

Студените облици
заситени од себе
по неговиот допир копнеат

Пред напливот
што без сопир преобразува
трепери Сè!

05 November 2009

Poems

HERE WE ARE

We crumble the night on a golden plate
and spatter the milky rhythm
of the spirit

Shall we find it
Shall we remove
the root

The moon peers at us
The sticky strands tie
our frail arteries in a knot

Bitter are the shadows of the barbarian key
when the sieve that bears us
decays

This dark onrush will not settle
in our nucleus
We rage!

(Translated into English by Marija Girevska)


MOMENTUM: THE BORDER

The footsteps lying weary
at the treacherous threshold,
they hesitate:
shall they choose death as their darling –
or the raging storm?

O,
slaughterers,
scars,
river beds!

A sting loves the milky soul:
a gentle hand
twists a silver dagger,
like a medal for earthly rituals
at the red spring

Let a dark shriek rise
always

(Translated into English by Zoran Ančevski)


FROM ABOVE

The angel brandish
with readings aflame
in the locks of the night
spreading
like a cloak

Ready to lie down
on the frail shoulder

A boundless verb
with a crystal pin
the bruises in the cold bed
that long ago covered
the child

From above it takes them out
singed

To leave
the gates of the vault
behind its hard heels

(Translated into English by Marija Girevska)


ΕNGRAM

When dark ice
fell on the cotton fields
of Adonai

Ε n g r a m

Cherubim threaded
through the needles of the Black Dough
Nor did the light wings erode

Ε n g r a m

Clear magma strikes
from the Mild Pupils
The Stony face cannot be eroded

Ε n g r a m

The herds of heaven will pass over her shell
with their heavy hoofs
Will the dark axis swing

Ε n g r a m

(Translated into English by Marija Girevska)


HEY, MISTER SADDUCEE!

He who endlessly spreads out
in white waves
around shabby pillars

He who recklessly sways
the branches of the black tree
rooted in the hot crater

He who faultlessly threads
through the rusty nets
of glances

- is gone?!

(Translated into English by Marija Girevska)


THE ABYSS EMBRACES US

In the brain furrows
lies the strange hound, ailing to the core
and growling

at curiosity, poor puppy!
The heavy tarnishes
on its paws stick...

We fall, endlessly we fall
and bring forth incensed wasps.

And the crystal lady,
there she goes!

(Translated into English by Marija Girevska)


FEAST

Insane darkness insatiable darkness
casts the black anchor in the cold sea
and spreads out in the gruesome peace
like an endless rumble
pulls down marble pillars
gnaws shapes
mute kingdoms fall
tears the clouds
grasps towards the East
blatantly snatches
the sidereal milk
and everything goes down the tubes
insatiable darkness
ugly darkness
insane darkness
immense darkness
infinite

(Translated into English by Marija Girevska)


07 October 2009

free counters

20 May 2008

Песни

ЕВЕ НÈ

Ноќта ја рониме во позлатена чинија
и врз неа го истураме млечниот ритам
на духот

Дали ќе го најдеме
Дали ќе го преместиме
коренот

Месечината нè загледува
Лепливите нишки ни ги врзуваат
кревките артерии во јазол

Горки се сенките на варварскиот клуч
кога се распаѓа ситото
што крепи

Не ќе се сталожи
овој темен наплив во нашето јадро
Вилнееме!


КОН ДЕВСТВЕНИ ДАЛГИ НÈ ГОНИ
(похота. румено)

Црни коњаници
со вжежени сабји
низ крвта галопираат

Раскрилено
сеејќи пламења остри
што дробат

Се ведат движби
виорни
под кротката темнина

И се рони ликот
мазен ко мраз
низ часовникот проѕирен

Тревјето се бранува
в молитва грешна
и влече

Кон сребрести нишки
од вулкански жедби
за игра


ОЗГОРА

Ангелот се размавнува
со пламнати четива
низ прамените на ноќта
што се шират
како наметка

Подготвени да прилегнат
врз кревкото рамо

Глагол без дно
со кристална игла
моринките во студеното легло
одамна што го обложиле
детето

Озгора ги вади
подгорени

Портите во сводот
зад коравите петици
да ги остави


ЕНГРАМА

Кога мрачен мраз
падна врз памучните полиња
на Адонај

Е н г р а м а

Херувими се спровираа
низ иликите на Црното Тесто
Леките крилја не ја сронија

Е н г р а м а

Од Благите Зеници се задава
бистра магма Каменото лице
не го разложува

Е н г р а м а

Небесни стада ќе минат врз нејзината лушпа
со своите тешки копита
Ќе се заниша ли темната оска

Е н г р а м а


ЕЈ, ГОСПОДИНЕ САДУКЕЈ!

Оној што безмерно се распростира
во бели бранови
околу трошните столбови

Оној што безобѕирно ги ниша
гранките на црното дрво
вкоренето во вжештениот кратер

Оној што безгрешно се спровира
низ ‘рѓосаните мрежи
на погледите

- го нема?!


ГОЗБА

Темничиште лудо темничиште незаситно
ја фрла црната котва во студеното море
низ морничавиот мир се шири
како безграничен татнеж
ги урива мермерните столбови
облиците ги гризе
паѓаат царствата неми
облаците ги раскинува
кон Исток граби
го разграбува безобѕирно
ѕвезденото млеко
и сè е невратка
темничиште незаситно
темничиште грдо
темничиште лудо
темничиште непрегледно
недогледно


БЕЗДНАТА НÈ ПРЕГРНУВА

Во мозочните бразди
легнат, боледува до срж
и ‘ржи чудниот загар

на љубопитноста, кутрото
кутре! Тешки петна
по неговите шепи се лепат...

Паѓаме, без престан паѓаме
и збеснати раѓаме оси,

а кристалната дама,
ете, си оди!


ХАМЛЕТ СЕ ОСВРНА

Единствената врвица што ја фрлија
пред овие кревки, светликави
глуждови За воздух што копнеат
А закржлавени зад хоризонтот
се прикажуваат

Сталожена, леплива кал
беше, е, ќе биде
Кај множество од стапици
расеани ми се виде Гнојни
врутоци што во мене длабат

А твојата душа со лузни
бележана Што се чини
закоравени дека лежат
Дур сонуваат за оној
повтор сочни што ќе ги стори

Во ова ли Улиште
што реа на распад шири
Зар во мене бара мед,
зблудена?


НИТУ

Не ме поткрева
веќе, ниту ерупција
на уплав ми придава
во набрекнатава чаша,
сето што зад мене
лежи

Не ме боли веќе
ниту еден камен,
на срцето рамен,
по главата летнат

Оти лушпата ја зафати
штама, решетките веќе ги нема,
оти ликот што го знаевте
ниту е мој, ниту довека
ќе го видите
пак


Белешки:
1 Садукеј - старохебрејски теолог кој порекнувал дека постојат ангели и дека душата е бесмртна
2 Енграма - внатрешен запис; трајна промена на супстанцата
3 Адонај (хебр.) - Господ, мојот Господар; дозволено обраќање на старите Хебреи кон Бог




30 April 2008

ЗА КРЕАТИВНИОТ СОМНЕЖ



(пат до варијантата)


Дали создавањето на песната, што би требало да се сфати како стремеж кон јазично совршенство, претставува завршен процес со нејзиното објавување, или и по овој за некого апсолутно конечен, а за друг релативен чин, песната може и смее да се преиспитува и, следствено, да се пресоздава? Колку ова преиспитување и продолжено создавање на песната, во облик на нови поетски варијанти, завлегува во нејзината автентичност и го оттргнува сакралниот вел од неповторливоста на инспирацијата? Зошто интервенциите во едно лирско остварување, пред неговото објавување меѓу кориците на книгата, вообичаено се прифаќаат како дозволени, додека истите тие интервенции по објавувањето најчесто се определуваат како недозволени?
Авторот кој му дава целосна слобода на сомнежот, разгледувајќи го и истовремено анализирајќи го сопственото дело по создавањето критичка дистанца, која, пак, е најголема и најјасна по неговото објавување, си ги поставува овие или ним слични прашања. Притоа, тегобата што ја предизвикува насоченоста кон преиспитување е безначаен субефект во споредба со копнежот по апсолутната естетика. Токму ваквата хиерархиска сопоставеност на овие две антитетични појави, му овозможува на авторот, па дури и го поттикнува да се зафати со преработка, односно со усовршување на своето дело, било тоа да е сé уште необјавено или веќе објавено. Книжевната оправданост на овој потфат произлегува од зададената цел - да му се овозможи на читателот да ужива во поуспешна варијанта, односно во песна со повисока естетска вредност. По однос на ова треба да се прибележи дека критериумите за определување на вредноста на книжевното дело се хетерогени. Сепак, според инхерентните книжевно-методолошки пристапи кон делото, кои токму заради ваквата своја ориентираност се поблиски до смислата на неговото постоење, најважна е неговата естетска димензија. Оттука, бидејќи при определувањето на вредноста на песната примарни се нејзините естетски одлики, односно тие претставуваат главен критериум, доколку при авторското преиспитување се дојде до поуспешни естетски решенија, тоа самото по себе го оправдува објавувањето варијанта.
Ваквиот став за книжевното дело отвора можност патот до варијантата да се определи како стилизација. За да нема нејасности околу овој термин треба да се напомене дека стилизацијата е суштествен дел од креативниот процес и претставува општа ознака со која се опфаќаат различни уметнички постапки. Притоа, за да се добие поточна претстава за стилизацијата, мора да се нагласи дека таа главно се изведува на формално рамниште, што сепак не значи дека треба да се заобиколи разгледувањето на поттиците кои навлегуваат во содржинскиот пласт на книжевниот запис. Всушност, со оглед на тоа дека сите пластови на книжевниот запис меѓусебно се проникнуваат, така што промената на обликот неизбежно предизвикува и промена на содржината, може да се каже дека секоја стилизациска постапка има повеќекратно дејство. И покрај ова, неопходно е да се разграничат начините на изведба на стилизацијата. Проучувајќи ги и расчленувајќи ги постапките со кои се менува книжевниот запис, теоретичарот Бранко Поповиќ во својата обемна и темелна студија Верзии на книжевното дело (Нолит, Белград, 1975 год.) приложува ваква поделба: 1. исклучување (екстраполација) на делови од структурата на записот, 2. вклучување (интерполација), 3. преиначување (варијација) и 4. мешана (комбинирана) постапка (стр. 72). Објаснувајќи ја третата одредница, тој истакнува дека „на ниво на мали структури, оваа постапка подразбира делумно исклучување (екстраполирање) и замена (супституција) на исклучените елементи на поетскиот говор, со внесување (интерполирање) нови“.1 Значи, преиначувањето (варијацијата) е сложен процес што се одвива во три етапи. Доколку одделно ги разгледаме овие етапи, ќе увидиме дека втората етапа не е само врска меѓу првата и третата, туку дека таа, всушност, ги опфаќа нив со тоа што замената (супституцијата), самата по себе, подразбира исклучување одредени делови од строежот на книжевниот запис и поставување други на нивното место. Во понатамошното промислување на оваа постапка, Поповиќ констатира дека „во варијациите може, значи, да се следат три типови избор (селекција): (1) избор и зачувување на прифатливите структурни единици, (2) избор и елиминација на неприфатливите единици на поетскиот говор (екстраполација), (3) избор (креација) и вклучување прифатливи, допишани структурни единици и решенија (интерполација)“.2 Освен ова, во одредницата преиначување (варијација) тој го вклучува и комбинирањето на распоредот, при што, прифаќајќи го гледиштето на чешкиот теоретичар Мирослав Червенка, укажува на тоа дека „ако на рамниште на селекција (сфатена во потесна смисла) се варираат прифатливите и неприфатливите единици на поетското дело, на рамниште на комбинација се варира прифатливиот и неприфатливиот нивен распоред и ритам, т. е. нивниот контекст“.3 Токму преиначувањето (варијацијата) на строежот на книжевниот запис претставува основен начин на изведба на стилизацијата. Ова, секако, не ја исклучува можноста еден книжевен запис да се стилизира само преку екстраполација или интерполација, како посебни постапки. Доколку, пак, се обидеме да ја откриеме основната причина што го предизвикува зафаќањето на авторот со стилизација на своето книжевно остварување, ќе утврдиме дека таа произлегува од длабокото несогласување со актуелната структура на делото, односно дека стилизацијата има функција неговото постојно устројство да не премине во постојано устројство. Ако ја поставиме стилизацијата во каузален контекст тогаш би можеле да заклучиме дека нејзината причина се содржи во целите што треба да се постигнат, а тие се: мотивско-стилска кохеренција и прегнантност на книжевниот запис. Сето ова овозможува консеквентно да се изведе заклучокот дека создавањето варијанта е, всушност, пресоздавање на песната.
Значи, доаѓањето до конечниот облик на песната речиси никогаш не е едноставен чин, односно, сосема спротивно, најчесто тоа е сложен процес при чие одвивање авторот постапно го издигнува јазичниот материјал на највисоко естетско рамниште. Општопознат и несомнен е фактот дека најголемиот скок од нултата позиција до конечниот облик се прави во еден миг, а тоа е мигот кога битието е обземено од првичниот блесок на инспирацијата. Меѓутоа секоја понатамошна измена, или попрецизно определено, сите корекции и варијации на делови од првиот запис се исклучително важни како креативни постапки со кои не се нарушува автентичноста, туку таа се надградува и на тој начин се постигнува врвен поетски ефект.
Кон ова мое размислување, како еден вид поткрепа би сакал да го додадам ставот што во петтиот дел од својот Естетички речник го искажува исклучително проникливиот, неретко и субверзивен, а делумно и антиномичен мислител и уметник, Роже Кајоа. И покрај тоа што тема на овој дел од неговата книга е оригиналноста, сепак, бидејќи овој термин во основа е синоним на терминот автентичност, сметам дека може да се направи извесна паралела меѓу главните контури на двете креативни концепции. Неговиот став гласи: „Откажете се од бедните намери и потрудете се да ја откриете непристапната оригиналност, оригиналноста која оддалечувањето ја издигнува и осамува, како што тоа го прави со највисоките врвови, додека малите ги снижува и меѓусебно ги меша, иако на почетокот тие изгледале големи. Но таквиот стремеж не се достигнува со потрагата по оригиналност, туку по совршенство, не со желбата да се направи различно, туку подобро“4. За да се дообјасни функцијата на овој цитат, односно за поточно да се определи совпаѓањето на ставовите, ќе додадам дека и Кајоа се залага за воспоставување трансцендентална перспектива, со што креативниот процес се сместува во идеалистички координати. Со ваквата естетичка перспектива се побива не само миметичката концепција чиј зачетник е Аристотел, туку и идеалистичката концепција чиј зачетник е Платон, според кои уметноста е второстепена реалност, и се афирмира една идеалистичка концепција според која уметничкото дело е поблиску до совршениот свет на идеите. Всушност, оваа концепција најмногу се совпаѓа со гледиштето на Г. В. Ф. Хегел, кој во својата Естетика истакнува дека „уметничкото дело стои на средина помеѓу непосредната сетилност и идеалната мисла“5.
Оттука сосема е очекувано авторот чии творечки сфаќања произлегуваат од ваквиот идеалистички однос, или, кажано поинаку, уметникот чиј креативен дух кој копнее по совршенството, да ги реализира повисоките дострели во облик на варијанти, при што секоја нова варијанта сè повеќе ќе се приближува до естетскиот идеал. Релативизацијата на конечната форма на уметничкото дело што се јавува како субефект на ваквата креативна концепција, во идеалистички рамки не само што не може да се определи како негативна, туку, напротив, таа станува исклучително позитивна појава. Сличен став по однос на овој проблем има и претходно споменатиот теоретичар Бранко Поповиќ, кој, надоврзувајќи се на согледбите на американскиот поет и есеист Џон Кроу Ренсом, истакнува дека и „довршеното дело е само една до извесна мерка реализирана концепциска можност, (односно) една верзија на онаа замислена или насетена (...) идеална негова визија“6. Сето ова може да се срочи и во облик на естетичка сентенца, која би гласела: Колку што е едно уметничко дело посовршено, толку е тоа подовршено. Инаку, во врска со зборот посовршено би требало да се прибележи дека тој во оваа сентенца, а и воопшто, не може да претставува компаратив изведен од придавката совршено, бидејќи степенувањето на совршенството е парадоксално. Бесмисленоста на создавањето компаратив или суперлатив од придавката совршено произлегува од тоа што совршенството е ненадминливо, односно апсолутно. Ова води кон заклучокот дека префиксот по укажува на квантитативно степенување. Оттука, зборот посовршено во оваа сентенца може да се замени со синтагмата повеќе совршено, при што под зборот повеќе се подразбира поголемиот дел. Сепак, ваквите замени кон кои упатува ова образложение што има улога да ја отстрани апоријата околу значењето на зборот посовршено и да го разјасни односот меѓу него и зборот совршено, најдобро би било да останат само на рамниште на мисловни постапки, бидејќи ако се оствари промената на сентенцата, таа би ја загубила својата елиптичност.
Стремежот кон совршенството, пак, претставува јатка на уметничкото творештво. Со поставувањето на совршенството како творечка цел, авторот, всушност, се насочува кон вечноста, така што неговите дела може да се определат како уметнички вообличени обиди за совладување на времето. Доколку авторот согледа дека некој негов обид вообличен во вид на уметничко дело е неуспешен или дека има одредени недостатоци, воден токму од овој стремеж, тој или ќе направи нов обид, или, пак, ќе преземе сé за да го подобри веќе остварениот обид. Поинаку кажано, авторот, незадоволен од согледувањето на недостатоците на своето уметничко дело, или ќе создаде ново, посовршено дело, или ќе го усоврши своето уметничко дело, создавајќи варијанта. А ова согледување на недостатоците не може да се определи никако поинаку освен како автокритика. Значи, минувањето на патот до варијантата е поттикнато од критичкиот однос на авторот кон сопственото дело. Како поткрепа на ваквото тврдење може да се наведе ставот на англискиот поет, драматург и промислувач на книжевноста, Томас Стернс Елиот, дека „поголемиот дел од трудот на еден писател додека ги составува своите дела е критички вид труд; просејување, комбинирање, конструирање, бришење, коригирање, обиди: оваа застрашувачка работа е исто толку критичка, колку што е и креативна“.7 Ова недвосмислено води кон заклучокот дека процесот на генерирање на книжевниот запис е синтеза на креацијата и критиката. Всушност, при одвивањето на овој процес критиката има креативна улога, а креацијата - критичка улога.
Токму меѓусебното проникнување на креацијата и критиката овозможува да се дојде до поуспешни уметнички остварувања. Со оглед на тоа дека тие, сепак, се начелно спротиставени, за да се воспостави рамнотежа меѓу нив, односно за да се усогласат, неопходно е авторот да вложи голем напор. Оттука следува дека освојувањето на уметничките врвови е сложен и макотрпен процес, кој вклучува многу навраќања и преиспитувања. Поинаку кажано, достигнувањето на естетското совршенство подразбира многукратни внатрешни превирања. Создавањето варијанта е нивен неизбежен исход.

(Од книгата „Посоки и огледи“, издание на „Македонска реч“, Скопје, 2006 год.)


1 Поповић, Бранко: Верзије књижевног дела. - Београд: Нолит, 1975. Стр. 74
2 ibid.
3 ibid.
4 Kajoa, Rože: Estetički rečnik. - Novi Sad: Književna zajednica Novog Sada, 1982. Стр. 34
5 Hegel, Georg Vilhelm Fridrih: Estetika, T. 1. - Beograd: BIGZ, 1986. Стр. 40
6 да се види наведеното дело, стр. 21
7 Eliot, T. S.: Funkcija kritike, vo: Izabrani tekstovi. - Beograd: Prosveta, 1963. Стр. 49