22 September 2010

Нови песни

ЗАБОРАВЕНАТА БОЖИЦА

Очајната старица,
во бара заробена,
од шеметот истоштена

Со левата рака
кон шамакот замавнува,
десната кон небесата ја подигнува

Но безуспешни ѝ се обидите
да се оттргне од прегратката
на безмилосната мил

Не ме бара веќе никој тука,
туку на кои ли ридови играат
чистите ќерки на вознесените

И какво ли семе
расфрлаат бодрите синови
по долините?

Ех,
ех,
ех!

И ехото на величието исчезна,
и калта ми е легло,
и заборавот ми е дом!



ТРАУРНО УТРО

Сети се на смртта
Оние темни планини
посакуваат да те прегрнат

Сети се на невидливиот пламен
и на ветриштата кои ги нишаат врвовите на дрвјата
со корења вдлабени во црните пластови

Сети се дека твоите
воздушни чекори
стежнуваат!

О сети се, сети се
пред да го напуштиш
овој присој,

пред да му ја препуштиш
оваа кротка долина
на оној кој таложи

глотеж...


РАЗОР

Котвата ја фрливме во бездна
и не би ден, и не би ноќ
без морници

Јата црни зборови нè облетуваат
и во шупливите черепи
гнезда свиваат

Ужасот нè демне од длабочините
и со валканите канџи
ја гребе светлината

Исчезнуваме.


НАПЛИВ. ДВИГАТЕЛ

Празнината,
ништовитата височина,
врвната темнина

Го раѓа
и тој бесконечно паѓа
во клисурите

Ги заведува карпите,
ги бакнува, ги гризе
и в неврат ги завлекува

Студените облици
заситени од себе
по неговиот допир копнеат

Пред напливот
што без сопир преобразува
трепери Сè!