20 May 2008

Песни

ЕВЕ НÈ

Ноќта ја рониме во позлатена чинија
и врз неа го истураме млечниот ритам
на духот

Дали ќе го најдеме
Дали ќе го преместиме
коренот

Месечината нè загледува
Лепливите нишки ни ги врзуваат
кревките артерии во јазол

Горки се сенките на варварскиот клуч
кога се распаѓа ситото
што крепи

Не ќе се сталожи
овој темен наплив во нашето јадро
Вилнееме!


КОН ДЕВСТВЕНИ ДАЛГИ НÈ ГОНИ
(похота. румено)

Црни коњаници
со вжежени сабји
низ крвта галопираат

Раскрилено
сеејќи пламења остри
што дробат

Се ведат движби
виорни
под кротката темнина

И се рони ликот
мазен ко мраз
низ часовникот проѕирен

Тревјето се бранува
в молитва грешна
и влече

Кон сребрести нишки
од вулкански жедби
за игра


ОЗГОРА

Ангелот се размавнува
со пламнати четива
низ прамените на ноќта
што се шират
како наметка

Подготвени да прилегнат
врз кревкото рамо

Глагол без дно
со кристална игла
моринките во студеното легло
одамна што го обложиле
детето

Озгора ги вади
подгорени

Портите во сводот
зад коравите петици
да ги остави


ЕНГРАМА

Кога мрачен мраз
падна врз памучните полиња
на Адонај

Е н г р а м а

Херувими се спровираа
низ иликите на Црното Тесто
Леките крилја не ја сронија

Е н г р а м а

Од Благите Зеници се задава
бистра магма Каменото лице
не го разложува

Е н г р а м а

Небесни стада ќе минат врз нејзината лушпа
со своите тешки копита
Ќе се заниша ли темната оска

Е н г р а м а


ЕЈ, ГОСПОДИНЕ САДУКЕЈ!

Оној што безмерно се распростира
во бели бранови
околу трошните столбови

Оној што безобѕирно ги ниша
гранките на црното дрво
вкоренето во вжештениот кратер

Оној што безгрешно се спровира
низ ‘рѓосаните мрежи
на погледите

- го нема?!


ГОЗБА

Темничиште лудо темничиште незаситно
ја фрла црната котва во студеното море
низ морничавиот мир се шири
како безграничен татнеж
ги урива мермерните столбови
облиците ги гризе
паѓаат царствата неми
облаците ги раскинува
кон Исток граби
го разграбува безобѕирно
ѕвезденото млеко
и сè е невратка
темничиште незаситно
темничиште грдо
темничиште лудо
темничиште непрегледно
недогледно


БЕЗДНАТА НÈ ПРЕГРНУВА

Во мозочните бразди
легнат, боледува до срж
и ‘ржи чудниот загар

на љубопитноста, кутрото
кутре! Тешки петна
по неговите шепи се лепат...

Паѓаме, без престан паѓаме
и збеснати раѓаме оси,

а кристалната дама,
ете, си оди!


ХАМЛЕТ СЕ ОСВРНА

Единствената врвица што ја фрлија
пред овие кревки, светликави
глуждови За воздух што копнеат
А закржлавени зад хоризонтот
се прикажуваат

Сталожена, леплива кал
беше, е, ќе биде
Кај множество од стапици
расеани ми се виде Гнојни
врутоци што во мене длабат

А твојата душа со лузни
бележана Што се чини
закоравени дека лежат
Дур сонуваат за оној
повтор сочни што ќе ги стори

Во ова ли Улиште
што реа на распад шири
Зар во мене бара мед,
зблудена?


НИТУ

Не ме поткрева
веќе, ниту ерупција
на уплав ми придава
во набрекнатава чаша,
сето што зад мене
лежи

Не ме боли веќе
ниту еден камен,
на срцето рамен,
по главата летнат

Оти лушпата ја зафати
штама, решетките веќе ги нема,
оти ликот што го знаевте
ниту е мој, ниту довека
ќе го видите
пак


Белешки:
1 Садукеј - старохебрејски теолог кој порекнувал дека постојат ангели и дека душата е бесмртна
2 Енграма - внатрешен запис; трајна промена на супстанцата
3 Адонај (хебр.) - Господ, мојот Господар; дозволено обраќање на старите Хебреи кон Бог